Bible

Designed

For Churches, Made for Worship

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

1 Kings 16

:
Macedonian - 2006
1 И дојде слово Господово кон Јуј, син на Ананија, за Баша во кое се вели:
2 „Поради тоа што те издигнав од правот и те направив водач на Мојот народ Израел, а ти тргна по патот на Јеровоам и го наведе на грев Мојот народ Израел за да Ме разгневува со гревовите свои,
3 ете, Јас ќе го отфрлам домот на Баша и домот на потомството негово и ќе направам со твојот дом така, како и со домот на Наватовиот син Јеровоам:
4 кој од Башовиот дом ќе умре во град, него кучињата ќе го изедат, а кој ќе умре во полето, него птици небески ќе го исколваат.“
5 Другите дела на Баша, и сѐ што извршил, и подвизите негови, опишани се во летописите на израелските цареви.
6 Баша почина кај татковците свои и беше погребан во Тирца. А место него стана цар неговиот син Ила.
7 Но преку Ананиевиот син Јуј беше веќе кажано словото Господово за Баша, за домот негов и за сето зло што го беше извршил пред очите на Господ, разгневувајќи Го со делата на рацете свои, постапувајќи како Јеровоамовиот дом, за што беше истребен.
8 Башовиот син Ила стана цар над Израел во Тирца во дваесет и шестата година од царувањето на јудејскиот цар Аса и царуваше две години.
9 Против него стана Замвриј, него­виот слуга и старешина на половината негови бојни коли, кога се беше напил во Тирца, во домот на Арца, надзорник на дворецот во овој град.
10 Замвриј влезе, го удри и го уби Ила во дваесет и седмата година на јудеј­скиот цар Аса, и стана цар место него.
11 Кога стана цар и седна на престо­лот негов, тој го истреби целиот дом на Баша, не оставајќи му од семејството ниту едно машко, ни роднините негови, ни пријателите негови.
12 Замвриј го истреби целиот Башов дом, според словото на Господ што го беше изрекол Тој за Баша преку пророкот Јуј,
13 за сите гревови на Баша и за гре­вовите на неговиот син Ила што го вр­шеа тие самите и со кои го наведоа во грев Израел, дразнејќи Го Господ, Бог Израелов, со своите идоли.
14 Другите дела на Ила, и сѐ што беше извршил, се опишани во летописите на израелските цареви.
15 Замвриј стана цар во дваесет и седмата година на јудејскиот цар Аса и царуваше седум дена во Тирца, кога народот го опседнуваше Гибетон фи­лис­тејски.
16 Кога народот што го опседнуваше, дозна дека Замвриј направил заговор и го убил царот, истиот ден во логорот сите Израелци го поставија за цар над Израел воениот началник Амвриј.
17 Амвриј и сите Израелци со него отстапија од Гибетон и ја опседнаа Тир­ца.
18 Кога Замвриј виде дека градот е преземен, влезе во царскиот дом, го потпали над себе царскиот дом и загина,
19 поради своите гревови, со кои беше згрешил, вршејќи го она што беше лошо пред очите на Господ, одејќи по патот на Јеровоам и во гревовите не­гови што тој ги изврши за да го наведе во грев Израел.
20 Другите дела на Замвриј и заго­ворот негов што беше го направил, се опишани во летописите на израелските цареви.
21 Тогаш израелскиот народ се раз­дели на два дела: едната половина од народот беше со Гинатовиот син Тивниј за да го направи цар него, а другата страна со Амвриј.
22 Надвладеа народот што беше со Амвриј, над народот, кој беше со Гина­товиот син Тивниј; Тивниј загина, а цар стана Амвриј.
23 Амвриј стана цар над Израел во триесет и првата година од владеењето на јудејскиот цар Аса над Јудеја и царуваше дванаесет години. Тој царуваше во Тирца шест години.
24 Амвриј го купи од Шемер ридот Самарија, за два кикара сребро, изгради на ридот град и го нарече Самарија според името на Шемер, сопственикот на тој рид.
25 И Амвриј правеше зло пред очите на Господ, и постапуваше полошо од сите свои претходници.
26 Тој во сѐ одеше по патот на Нава­товиот син Јеровоам и во гревовите негови, со кои тој ги наведе на грев Израелците за да Го разгневат Господ, Бог Израелов, со своите идоли.
27 Другите дела на Амвриј што ги направил, и јунаштвото што го пока­жал, се опишани во летописите на изра­елските цареви.
28 Амвриј почина кај татковците свои и беше погребан во Самарија, а место него стана цар синот негов Ахав.
29 Амвриевиот син Ахав стана цар над Израел во триесет и осмата година од владеењето на царот Аса над Јудеја, и Амвриевиот син Ахав царуваше во Са­марија над Израел дваесет и две години.
30 И Амвриевиот син Ахав правеше зло пред очите на Господ повеќе од сите свои претходници.
31 Не беше доволно тоа што тој западна во гревовите на Наватовиот син Јеровоам, туку си ја зеде за жена Језа­вела, ќерката на сидонскиот цар Ет­баал, и почна да му служи на Ваал и да му се поклонува;
32 и му подигна на Ваал жртвеник во Вааловото светилиште што го беше изградил во Самарија.
33 Ахав подигна и Ашера, а направи и други злодела, со кои Го разгневи Гос­под, Бог Израелов, повеќе од сите претходни израелски цареви.
34 Во негово време Хиел од Ветил го изгради Ерихон: врз првородениот син свој Авирон, тој ги стави основите него­ви и врз најмалиот син Сегув ги постави портите негови, според словото на Господ што Тој го беше изрекол преку Навиновиот син Исус.